Кин: Конечно се најде еден играч кој заслужува да игра за Јунајтед

December 16, 2024 | Kristijan Trajchov | Свет

Кин: Конечно се најде еден играч кој заслужува да игра за Јунајтед

Дерби победите секогаш носат посебно задоволство за фудбалерите, но стануваат уште послатки кога се остваруваат над директен и лут ривал. Таква беше ситуацијата за Манчестер Јунајтед во драматичниот пресврт против Манчестер Сити на „Етихад“ стадионот, каде „црвените ѓаволи“ ја украдоа победата во последните моменти од мечот. Клучната фигура на овој спектакуларен успех беше Амад Диало, кој со својата храброст и одлучност го замрзна „Етихад“. Диало најпрво избори пенал, кој Бруно Фернандеш го претвори во гол, а потоа, само неколку минути подоцна, тој го постигна победничкиот гол за конечни 1:2. Младото крило, под водство на тренерот Рубен Аморим, сè повеќе станува неизоставен дел од тимот и ги оправдува големите очекувања. Легендарниот Рој Кин не заостануваше во своите пофалби, изјавувајќи дека Амад стана играч број еден за португалскиот стручњак. „Најмногу ме радува играта на Амад. Ова момче го заслужи ова со енергијата и квалитетот кои ги нуди на последните натпревари. Младите фудбалери секогаш носат и грижи со себе, бидејќи се прашувате дали ќе останат цврсто на земја после почетен блесок. Како и да е, ова беше извонредна вечер за него. Беше подготвен за дуели еден на еден, трчаше зад грб и правеше многу добри работи во нападот. Треба да поседувате одредени особини за да го облечете дресот на Манчестер Јунајтед, а сега конечно имаме таков играч. Изгледа комотно додека го носи овој „тежок“ дрес, бидејќи има други играчи кои се мачат да го прикажат најдоброто. Засега, Амад изгледа како момче кое знае да се носи со тој притисок“, вели Кин.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.