Барса верува дека до утре Олмо ќе биде регистриран

January 2, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Барса верува дека до утре Олмо ќе биде регистриран

Утре може да биде „денот Д“ за Барселона. Управата е оптимистична дека до утре ќе успее да достави целосна документација поврзана со отстапувањето на дел од ВИП ложите на новиот Камп Ноу, со што би добиле дозвола од Ла Лига за регистрација на Дани Олмо и Пау Виктор. Вчера, Ла Лига ги отстрани Дани Олмо и Пау Виктор од листата на регистрирани играчи, бидејќи Барселона до крајот на декември не обезбеди доволно гаранции за дополнителен приход од договорите со инвеститори од Дубаи и Катар, поврзани со ВИП ложата. Сега, Барселона се соочува со критичен момент, очекувајќи на 3 јануари да презентира валидна документација која ќе потврди дека финансиските средства ќе бидат обезбедени. Само така ќе може да ја заврши регистрацијата на играчите. Во спротивно, клубот ќе се најде во незавидна позиција. Доколку документите не бидат прифатени, Барселона би се соочила со сериозни последици. Дани Олмо, кој има клаузула што му дозволува да стане слободен играч ако не биде регистриран за вториот дел од сезоната, би можел да го напушти клубот. Во тој случај, Барселона ќе биде обврзана да му ја исплати целата плата според договорот што важи до јуни 2030 година, иако играчот би поминал само шест месеци во тимот. Дополнително, клубот ќе продолжи да ја плаќа трансферната сума на РБ Лајпциг, која изнесува 55 милиони евра. Наместо да ја распределува оваа сума низ шест години, Барселона ќе мора целосниот износ да го прикаже како загуба во финансискиот извештај за сезоната 2024/25. Ова би имало негативен ефект врз економската стабилност на клубот и дополнително би ја отежнало ситуацијата.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.