„Marca“: Реал Мадрид има договор со ТАА

January 16, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

„Marca“: Реал Мадрид има договор со ТАА

Трент Александер-Арнолд, десниот бек на Ливерпул и англиската репрезентација, наводно се согласил да се пресели во Реал Мадрид, објави Marca. Тој позитивно одговорил на понудата од актуелниот шпански и европски шампион што била испратена кон крајот на минатата година. Договорот меѓу играчот и Реал е речиси завршен, но останува Ливерпул како трета страна што треба да го одобри трансферот. Ливерпул пред три недели ја одби понудата од Реал за трансфер на играчот во јануари за мала отштета, и покрај тоа што неговиот договор истекува на лето 2025 година. Клубот се обидува да го убеди Александар-Арнолд да ја продолжи соработката, но засега без успех. Сега прашањето е дали трансферот ќе се реализира во зимскиот преоден рок или ќе се одложи за по завршувањето на сезоната. Marca истакнува дека Реал чека вистински момент за да го убеди Ливерпул да го пушти играчот уште во јануари. Александар-Арнолд веќе подолго време е на радарот на Реал. Неговиот договор му дозволува од вчера да води директни преговори и да потпише преддоговор. Според The Athletic, Реал му понудил договор на Трент со траење од најмалку четири години, како и значителен бонус за потпис. Александар-Арнолд е роден во Ливерпул и од мали нозе е дел од клубот. За Ливерпул има одиграно 337 натпревари, постигнувајќи 21 гол и запишувајќи 85 асистенции. Со клубот освои сè што може да се освои: Премиер лига, Лига на шампиони, ФА Куп, Светско клупско првенство и два Лига купа. Сепак, неговата посветеност на родниот клуб сега изгледа дека ќе биде тестирана.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.