Полесно е со Ибрахимовиќ: Ги „построи“ Консеисао и Калабрија по нивниот конфликт

January 27, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Полесно е со Ибрахимовиќ: Ги „построи“ Консеисао и Калабрија по нивниот конфликт

Италијанските медиуми откриваат повеќе детали за драмата на крајот од натпреварот помеѓу Милан и Парма (3:2), кога тренерот Сержио Консеисао и дефанзивецот Давиде Калабрија влегоа во остар конфликт. Во центарот на случувањата, како медијатор, се најде никој друг туку Златан Ибрахимовиќ. Ситуацијата ескалирала по натпреварот, кога Консеисао и капитенот Калабрија за малку не дошле до физичка пресметка. Наводно, конфликтот започнал поради коментарите на Калабрија за време на тимското славење, а дополнително масло на огнот долеала неговата реакција по замената. Поранешниот шведски ас, сега менаџер на Милан, веднаш интервенирал. Тој ги „построил“ Консеисао и Калабрија во соблекувалната, барајќи итно смирување на страстите. За да спречи ескалација, Ибрахимовиќ ги испратил двајцата директно пред новинарите, каде што тие се обиделе да дадат пообјаснети и помирливи изјави.

„Искрено, вакви работи се случуваат на теренот. Адреналинот беше висок, а недоразбирањата помеѓу нас двајцата беа само моментален изблик. Сè решивме, не беше убаво, и се извинувам за тоа“, рече Калабрија.
Од своја страна, Консеисао ја минимизираше ситуацијата.
„Играчите понекогаш се како деца, па нивното однесување може да биде несоодветно. Вакви работи се дел од фудбалот“, објасни тој.
Интересно е што Ибрахимовиќ по случката одржа 30-минутен приватен разговор со Консеисао, што го одложи тренерот за прес-конференцијата. Со ова, Ибрахимовиќ уште еднаш ја демонстрираше својата улога на лидер кој ја држи контролата во најтешките моменти.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.