February 6, 2025 | | Свет
УЕФА ја разгледува можноста за укинување на продолженијата во плејоф-фазата на своите клупски натпреварувања, вклучувајќи ја Лигата на шампионите, Лигата на Европа и Конференциската лига. Оваа потенцијална промена има за цел да го намали оптоварувањето на играчите, особено во сезоните кога распоредот е премногу згуснат. Guardian наведува дека евентуалното укинување на продолженијата сигурно нема да се случи пред 2027 година, бидејќи важечкиот договор за телевизиските права останува на сила до тогаш. Според истиот извор, телевизиските куќи би биле во корист на оваа промена, бидејќи ќе се избегнат можни нарушувања на програмските шеми поради натпревари што одат во продолженија. Фудбалските синдикати сметаат дека ваквиот чекор би го намалил физичкиот напор врз играчите, што е една од главните причини зошто многу од нив бараат реформи во календарот. Со проширувањето на Лигата на шампионите, секој тим сега игра најмалку осум натпревари во групната фаза наместо шест, а во јуни 12 европски клуба ќе настапат на новото, проширено Светско клупско првенство на ФИФА. Статистиката покажува дека минатата сезона три меча од плејофот на Лигата на шампионите завршија со продолженија, додека во претходната сезона немаше ниту еден таков случај. Во Лигата на Европа, пак, минатата сезона продолженија имаше на четири средби, за разлика од шест во 2022/23. Од УЕФА за Guardian изјавиле дека дебатата за оваа промена е засега неофицијална и дека конечната одлука ќе ја донесе Извршниот комитет. Последната значајна реформа во клупските натпреварувања беше во 2021 година со укинувањето на правилото за гол на гости, а од 2023 година во УЕФА Суперкупот повеќе нема продолженија – натпреварот директно преминува во пенал-серија ако заврши нерешено. Покрај намалувањето на физичкиот товар врз фудбалерите, укинувањето на продолженијата би можело да им даде поголеми шанси на помалите клубови, кои често се соочуваат со тимови што располагаат со поголема и поквалитетна клупа.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 7, 2024 |
September 16, 2024 |