Легендарниот судија Колина предлага револуционерно правило за изведувањето пенали

February 11, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Легендарниот судија Колина предлага револуционерно правило за изведувањето пенали

Пјерлуиџи Колина, легендарниот италијански судија и актуелен шеф на судискиот комитет на УЕФА, се залага за значителна промена во начинот на изведување на пеналите. Тој предлага да се укине можноста за постигнување гол од одбиена топка по одбрана на голманот, со што би се намалила предноста на напаѓачите во ваквите ситуации. Колина, кој важи за еден од најпочитуваните судии во историјата на фудбалот, го постави ова прашање пред IFAB (Меѓународната фудбалска асоцијација), која е одговорна за измените на фудбалските правила. Доколку предлогот биде усвоен, по одбранет пенал играта би продолжувала со прекин, а не со можност за нов обид од страна на изведувачот или неговите соиграчи. „Во просек, 75 проценти од пеналите завршуваат со погодок, а често шансата што се добива со пенал е поголема од онаа која е спречена со фаул. Дополнително, напаѓачот добива уште една можност да постигне гол по одбиената топка, што го прави овој сегмент на играта нефер кон голманите“, објасни Колина. Со оглед на тоа што Колина е на чело на судиите на УЕФА од 2017 година и сè уште ја извршува оваа функција, големи се шансите неговиот предлог да биде сериозно разгледан и евентуално имплементиран. Доколку се усвои, оваа промена би имала значително влијание врз текот на натпреварите и резултатите при изведувањето на пенали.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.