Антони продолжува да гази во Бетис, минимална победа за Николов и Шишковски (ВИДЕО)

February 13, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Антони продолжува да гази во Бетис, минимална победа за Николов и Шишковски (ВИДЕО)

Фудбалерите на Бетис направија голем чекор кон осминафиналето на Конференциската лига, откако на гостувањето во Белгија го совладаа Гент со убедливи 0-3 (0-0). Головите паднаа во второто полувреме, а повторно блесна зимското засилување од Манчестер Јунајтед – Антони. Бразилецот како да доби нова енергија откако пристигна во Бетис и уште еднаш се запиша меѓу стрелците. Тој го отвори резултатот само две минути по почетокот на вториот дел, а во продолжение Бакамбу и Алтимира ја потврдија победата на шпанскиот тим.

Изненадување приреди и Хајденхајм, кој на гостувањето кај Копенхаген успеа да слави со 1-2. Иако Ларсон го донесе данскиот тим во водство, Германците направија целосен пресврт со голови на Келер и Сиерслебен. Борац Бања Лука, пак, со минимални 1-0 ја совлада Олимпија Љубљана во балканското дерби, со гол постигнат во првата минута од судиското надополнување. Бобан Николов започна како стартер, но беше заменет по еден час игра, додека Шишковски остана на клупата. Во Кипар, пак, екипите на Омонија и Пафос одиграа нерешено 1-1, со по еден погодок во двете мрежи.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.