Тренерот на Торино: Елмас може да биде лидер на тимот, носи многу квалитет

February 21, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Тренерот на Торино: Елмас може да биде лидер на тимот, носи многу квалитет

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас минатиот месец се врати во Серија А, потпишувајќи договор со Торино. Иако не доби шанса да настапи против Аталанта и Џенова, веднаш остави впечаток против Болоња, каде што постигна прекрасен погодок. Тренерот на Торино, Паоло Ваноли, има голема доверба во Елмас и не штеди пофалби за него. „Привилегија е да се има Елмас во тимот“, изјави Ваноли пред натпреварот против Милан. Според него, Елмас носи огромен квалитет, како тактички, така и технички, а воедно може да биде и лидер на тимот. „Кога ни се укажа шанса да го ангажираме, моравме да ја искористиме“, додаде италијанскиот стратег. Тој даде одговор и за тоа дали Елмас ќе стартува против Милан. „Секој што добива повик може да биде во почетниот состав. Многумина очекуваа веднаш да му дадам шанса, но сакав да почекаме две недели за да влезе во ритам“, дополни тој. Доколку влезе од клупата, тренерот очекува да даде ист таков допринос како што направи против Болоња. Сепак, ако започне од првата минута, Ваноли е свесен дека Елмас сè уште нема доволно енергија за целосни 90 минути.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.