Кога Барселона и Осасуна ќе го одиграат одложениот натпревар?

March 9, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Кога Барселона и Осасуна ќе го одиграат одложениот натпревар?

Натпреварот помеѓу Барселона и Осасуна вчера беше одложен поради трагичната смрт на клупскиот доктор Карлес Мињаро, а сега преостанува да се одреди нов датум. Ла Лига се соочува со предизвик поради веќе густо испланираниот календар, бидејќи до крајот на сезоната остануваат само три месеци, а слободните термини се ограничени. Најверојатен датум за одигрување на натпреварот е околу 21 мај, помеѓу претпоследното и последното коло во шпанското првенство. Како можна опција се разгледува и 27 март, но Барселона најверојатно нема да ја прифати оваа можност, бидејќи неколку од нејзините клучни фудбалери, како Рафиња и Араухо, ќе бидат ангажирани во квалификациите за Светското првенство во Јужна Америка. Други алтернативни термини зависат од учинокот на Барселона во останатите натпреварувања. Доколку тимот биде елиминиран од Атлетико во полуфиналето на Купот на Кралот, тогаш натпреварот со Осасуна може да се одигра викендот меѓу 25 и 27 април, кога е закажано финалето во ова натпреварување. Дополнителни можности би се отвориле и ако Барселона не успее да стигне до завршната фаза во Лигата на шампионите.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.