Македонија рутински дојде до победа против Лихтенштајн во Вадуц (ВИДЕО)

March 22, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Македонија рутински дојде до победа против Лихтенштајн во Вадуц (ВИДЕО)

Нашите репрезентативци запишаа убедлива победа против Лихтенштајн со 0-3 на гостувањето во Вадуц во рамките на квалификациите за Светското првенство 2026 година. Резултатот беше отворен уште во 7. минута. Миовски испрати одлична топка од левата страна кон Трајковски, кој со глава ја смести во мрежата и донесе водство за Македонија. Со овој погодок, Трајковски стигна до својот 22. гол во националниот дрес на својот 92. настап. Во 28. минута Елмас постигна гол по додавање од Чурлинов, но истиот беше поништен поради офсајд. Лихтенштајн имаше своја шанса во 22. минута, кога Пици упати опасен удар, но Димитриевски со крајни напори успеа да ја одбрани мрежата. Во 36. минута македонските фудбалери бараа пенал по старт врз Алими, но судиите не реагираа. Сепак, Македонија ја удвои предноста во 42. минута, кога Муслиу беше највешт во противничкиот шеснаесетник и погоди за 0:2. Во вториот дел, во листата на стрелците се запиша и Бојан Миовски во 84. минута по одличната асистенција на Илиевски. За три дена, Македонија ќе го пречека Велс во Скопје. Ова беше шеста победа во низа за нашите репрезентативци и се надеваме дека истата ќе продолжи уште долго. Фото: Гол.мк

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.