Хрватска елиминирана на пенали од Франција, Шпанија повторно во битка за титулата (ВИДЕО)

March 23, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Хрватска елиминирана на пенали од Франција, Шпанија повторно во битка за титулата (ВИДЕО)

Франција и Шпанија се последните патници на завршниот Ф4-турнир во Лигата на нациите, откако по пенал-драми ги елиминираа Хрватска и Холандија. Претходно, пласман меѓу најдобрите четири изборија и Португалија и Германија. Франција успеа да ја анулира негативата од првиот меч и на домашен терен славеше со 2-0 против Хрватска, со головите на Олис од слободен удар и Дембеле. Натпреварот продолжи во екстра-време, каде што немаше погодоци, а победникот беше решен по пенали. Во пенал-серијата, Мањан веднаш го одбрани ударот на Крамариќ, а Ивановиќ целосно го промаши голот. Иако Кунде не реализираше за Франција, Мењон го одбрани и обидот на Станишиќ, а решавачкиот пенал го реализираше Упамекано, носејќи огромна радост за „триколорите“. Шпанија и Холандија приредија вистински спектакл, кој заврши со вкупни 3-3 по продолженија. „Црвената фурија“ двапати водеше преку Ојарзабал, но „лалињата“ одговорија со пенал на Депај и израмнувачки погодок на Матсен во завршницата. Во дополнителните минути, Ламин Јамал стрелаше за Шпанија, а Чави Симонс со пенал израмни за Холандија. Во пенал-рулетот, прв промаши Ланг, но потоа Ламин Јамал не го искористи својот обид, откако Фербругер го одбрани неговиот удар. Клучен момент беше шестата серија, кога Мален не реализираше за Холандија, а Педри го постигна победничкиот пенал за Шпанија. Така, Франција и Шпанија им се приклучуваат на Португалија и Германија во завршната битка за трофејот во Лигата на нациите.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.