„Комити“ нема да гостуваат во Битола: Кога народот тагува и жали, ова е единствената логична одлука

March 24, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

„Комити“ нема да гостуваат во Битола: Кога народот тагува и жали, ова е единствената логична одлука

Битола овој викенд ќе биде домаќин на „вечното дерби“ меѓу Пелистер и Вардар во рамките на 25. коло од ПМФЛ, но атмосферата нема да биде како што се очекуваше. Наместо вообичаениот спектакл со две навивачки групи, овој натпревар ќе мине во знакот на почитта и солидарноста по трагедијата во Кочани. Навивачката група „Комити“ одлучи да не патува во Битола, истакнувајќи дека во моменти на тага и жалост, фудбалот треба да остане во втор план. Иако нивното отсуство ќе остави празнина на трибините, стадионот „Петар Милошевски“ сепак се очекува да биде добро исполнет. Пелистер испрати силна хуманитарна порака, најавувајќи дека сите приходи од билетите ќе бидат донирани за семејствата на жртвите од трагичниот пожар. Ова дерби, иако без вообичаената навивачка страст, ќе биде симбол на солидарност и поддршка во тешки моменти. „Во знак на почит кон жртвите на трагедијата во Кочани, како и во знак на солидарност кон сите преживеани и кон сите семејства погодени од големиот ужас, одлучивме дека нема да присуствуваме на следниот натпревар на ФК Вардар, кој ќе се одигра на 29.03.2025 во Битола, против екипата на Пелистер. Сметаме дека во моменти кога народот тагува и жали, ова е единствената логична одлука која групата можеше да ја донесе. Вардар во срцето, Македонија во душата!“, напишаа „Комити“.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.