Голем ремонт во Манчестер Јунајтед: Заминуваат десет играчи

March 24, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Голем ремонт во Манчестер Јунајтед: Заминуваат десет играчи

Манчестер Јунајтед се подготвува за уште едно лето на големи промени, а списокот на играчи кои би можеле да го напуштат „Олд Трафорд“ брои дури десет имиња. Според „Манчестер Ивнинг Њуз“, клубот ја продолжува трансформацијата започната минатата година, со цел да создаде поефикасен и финансиски одржлив тим. Во таа насока, Јунајтед веќе размислува за иднина без искусните Џони Еванс и Том Хитон, кои на крајот од сезоната се очекува да се повлечат. Исто така, Кристијан Ериксен и Виктор Линделоф се пред заминување, бидејќи нивните договори истекуваат. Дополнително, клубот се надева дека клаузулите за продажба на Маркус Рашфорд и Џејдон Санчо ќе бидат активирани, а сличен е и случајот со Ентони, кој во моментов игра за Бетис. Јунајтед е отворен и за продажба на останати играчи доколку пристигнат доволно примамливи понуди, додека судбината на Лук Шо, Тајрел Маласија и Алтај Бајиндир останува неизвесна. Финансиските ограничувања на Премиер-лигата влијаат врз одлуките на клубот, кој ќе се обиде да ги минимизира загубите преку продажба на одредени играчи. Така, Касемиро, кој беше купен за 60 милиони фунти, би можел да замине за 15 милиони, додека за Ентони ќе биде потребна понуда меѓу 32 и 33 милиони фунти за да се избегне финансиски минус. Крајните одлуки за трансферите ќе зависат од тоа дали Јунајтед ќе обезбеди европски фудбал следната сезона. Единствениот пат до тоа останува освојувањето на Лига Европа, што ќе им овозможи директно учество во Лигата на шампионите. Минатото лето, клубот забележа рекордни приходи од продажба на играчи – 110 милиони фунти, а најголем профит оствари преку трансфери на фудбалери од својата академија. Останува да се види дали оваа сезона ќе донесе сличен успех на пазарот или ќе биде почеток на уште подлабока реконструкција.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.