Димитриевски: Секогаш кога доаѓам на прес-конференција, не примам гол

March 24, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Димитриевски: Секогаш кога доаѓам на прес-конференција, не примам гол

Македонскиот чувар на мрежата, Столе Димитриевски, е во неверојатна форма – веќе шест натпревари во низа ја чува својата голманска мрежа недопрена. Со огромна самодоверба, но и со скромност, вели дека се надева дека таа серија ќе продолжи и на утрешниот дуел против Велс. Но, покрај фудбалските теми, Димитриевски не можеше да остане рамнодушен на трагедијата која ја потресе Македонија – големата несреќа во дискотеката во Кочани, во која загинаа 59 лица. „Целиот народ е во болка, сите сме погодени. Кога ги видов вестите, едноставно не можев да заспијам. Во вакви моменти, најважно е да се поддржуваме, да покажеме љубов и единство“, вели голманот на Македонија. Што се однесува до утрешниот натпревар, Димитриевски откри дека има еден свој мал ритуал што сака да го следи. „Секогаш кога сум на прес-конференција пред натпревар, не примаме гол. Се надевам дека оваа традиција ќе продолжи и овојпат. Ако ја зачуваме мрежата, најмалку што можеме да освоиме е бод, а зошто да не – и трите“, додава со насмевка македонскиот „чувар на тврдината“. Македонија утре ќе се обиде да ја продолжи позитивната серија и да донесе нова радост за нацијата, токму во моменти кога секој триумф значи многу повеќе од спортски успех.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.