Милевски: Покажавме дека можеме да бидеме рамо до рамо со најдобрите во Европа!

March 26, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Милевски: Покажавме дека можеме да бидеме рамо до рамо со најдобрите во Европа!

Македонската репрезентација беше на прагот на славје, но несреќен финиш ѝ ја одзеде целосната радост. Во драматична вечер на Националната арена, „црвено-жолтите“ стигнаа до водство во 91. минута преку Бојан Миовски, но Велс во последните секунди од мечот успеа да се извлече со израмнувачки погодок за конечни 1-1. Фаворитската улога на Велшаните беше очигледна уште од првата минута, а нивниот постојан притисок создаваше главоболки за македонската одбрана. Сепак, херојски момент на Миовски ја разгоре еуфоријата на трибините, откако бразно ја искористи грешката на противникот и донесе водство. Но, кога се чинеше дека Македонија ќе запише златни три бода, Велс во 96. минута искористи невнимание во нашата дефанзивна линија и ја затресе мрежата на Димитриевски. „Имаше горчина во начинот на кој го завршивме натпреварот, но сепак не можам да не бидам задоволен. Игравме против тим што е можеби најсилен ривал во последните неколку години. Нашите фудбалери покажаа огромен напредок, но ни недостасуваше уште малку концентрација за да го однесеме овој дуел во наша корист. Не знам колку време имаше, но мора да останеме фокусирани секогаш до крај. Жалиме за тие два бода, меѓутоа веројатно и ремито беше најреалното. Можеби е тешко, но нема многу простор за разочарување бидејќи Македонија покажа дека може да биде рамо до рамо со најдобрите во Европа“, истакна селекторот Благоја Милевски. Македонија сега има четири бода по две кола од квалификациите, а следниот предизвик ќе биде големиот дуел со Белгија.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.