Влазрими го напушти теренот по досуден пенал за Тетекс (ВИДЕО)

March 27, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Влазрими го напушти теренот по досуден пенал за Тетекс (ВИДЕО)

Возбудливото дерби од 14. коло во Третата фудбалска лига Запад меѓу Тетекс и Влазрими заврши предвреме, откако кичевскиот тим реши да го напушти теренот во 75. минута. Искрата што ја запали тензијата беше досудениот пенал за Тетекс, проследен со црвен картон за фудбалер на Влазрими. Атмосферата брзо се вжешти, протестите на гостите се засилија, а по неколкуминутни бурни реакции, Влазрими ја повлече екипата од теренот. „Скандалозно судење под водство на главниот арбитар МАРЈАН МЛАДЕНОСКИ, заедно со неговите помошници, и четвртиот судија Пларент Салихи кои беа главни актери и без трошка срам напаѓаа што ќе им дојде пред очи, казнувајќи го секој од нашиот тим. Поради сета оваа репресија диктирана од луѓето во црно кои мора да делат правда на терен, раководството на клубот реши да го повлече тимот“, стои во реакцијата на Влазрими. Овој меч беше клучен во битката за врвот на табелата – Тетекс влезе во дуелот како лидер со 32 бода, само еден повеќе од Влазрими. Наместо фудбалска пресметка до последниот свиреж, дербито заврши во хаос, а сега останува ФФМ да ја донесе конечната одлука за исходот на мечот.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.