ПМФЛ: Шкендија се изнамачи против Брера, нов кикс на Гостивар, славеше и Работнички (ВИДЕО)

March 31, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

ПМФЛ: Шкендија се изнамачи против Брера, нов кикс на Гостивар, славеше и Работнички (ВИДЕО)

Шкендија со стил ги искористи резултатите од 25. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) и уште повеќе ја зацврсти својата водечка позиција. Тетовчани пред својата публика славеа победа од 2-1 против Брера Струмица, враќајќи се на победнички патеки по разочарувањата во Струга и против Вардар. Наместо почит и сочувство за жртвите од трагичниот настан во Кочани, дел од навивачите во Тетово, особено домашната група, не го почитуваа едноминутниот молк, па дури и продолжија со навивање. Оваа несекојдневна ситуација веројатно ќе биде забележана од делегатот, а Шкендија би можела да се соочи со санкции. На натопениот терен во Тетово, стратегот Јетон Беќири одлучи да му даде поддршка на Бесарт Ибраими со Љатифи и Крстевски, додека тренерот на Брера, Тони Атанасов, му ја довери офанзивната улога на Нзенгуе. По изведен корнер од Решат Рамадани и мешаница во шеснаесетникот, топката дојде до Бесарт Ибраими, кој од само еден метар ја затресе мрежата (1-0). Нзенгуе имаше можност за брзо израмнување, но неговиот удар со глава заврши над голот. Првото полувреме мина во рамноправна игра, со по неколку закани од двете страни, но Шкендија на паузата замина со минимална предност. Второто полувреме започна со барање на пенал од домаќините по падот на Љатифи, но судијата Трпчевски не се согласи. Наместо тоа, во 54. минута покажа на белата точка на спротивната страна, откако досуди прекршок во воздушен дуел. Нзенгуе беше прецизен од белата точка и донесе израмнување за Брера (1-1). Сепак, лидерот не дозволи долго да трае радоста на гостите. Во 62. минута, Рамадани испрати долга топка кон Бесарт Ибраими, кој излезе сам пред Вргов и ладнокрвно реализираше за 2-1. До крајот на мечот темпото се намали, Шкендија ја контролираше играта и рутински ја запечати својата победа. Тетовчани остануваат лидери на табелата со 53 бода, четири повеќе од Силекс, додека Брера се наоѓа на самото дно со 21 бод, исто колку и Беса. Во следното коло, Шкендија ќе гостува во Кавадарци против Тиквеш, додека Брера ќе го пречека Вардар во Струмица. Во меѓувреме, Воска Спорт приреди изненадување и како гостин славеше над амбициозниот Гостивар со 0-2, со што избега од последното место и најави голема битка за опстанок. Гостивар започна подобро и имаше голема шанса преку Џало, но не ја искористи. На спротивната страна, Воска чекор по чекор го преземаше темпото, а најактивен беше Клинтон Осеи. Тој имаше две одлични можности, но не реализираше, додека Ервин Ли за Гостивар шутираше право во голманот Бабуакар. Првиот погодок дојде по брза контра, кога Тони Виноградац со прецизен удар донесе водство за Воска. Гостиварците не успеаја да одговорат, а во вториот дел, иако беа поофанзивни, не најдоа пат до мрежата. Казната стигна во 80. минута, кога Воска од контра напад го постигна вториот гол преку Осеи, ставајќи точка на натпреварот. Со овој триумф, Воска го напушти дното на табелата, а Гостивар направи чекор назад во трката за Европа. Во следното коло, Гостивар ќе гостува кај Беса, додека Воска ќе биде домаќин на Силекс во нова борба за важни бодови. Славеше и Работнички кој успеа да стигне до голема победа на домашен терен против Беса од 1-0. Клучниот момент во мечот се случи во 55. минута кога Рушевиќ стрелаше од пенал. ПРВА ЛИГА – 25. КОЛО Тетово: ШКЕНДИЈА – АП БРЕРА 2-1 Ибраими 9′, 61′ – Ндзенгуе 54′ (п) Кратово: СИЛЕКС – ТИКВЕШ 1-1 Додев 35′ – Mишов 31′ Скопје: ГОСТИВАР – ВОСКА СПОРТ 0-2 Виноградац 30′, Осеи 83′ Скопје: РАБОТНИЧКИ – БЕСА 1-0 Рушевиќ 55′ (п) Струга: СТРУГА ТЛ – ШКУПИ 0-0 ПРЕТХОДНО Битола: ПЕЛИСТЕР – ВАРДАР 1-3 Керим 10′ – Закариќ 20′(п), Мато 75′, 82′

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.