Шкендија може да добие суспензија на теренот од 12 натпревари!

March 31, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Шкендија може да добие суспензија на теренот од 12 натпревари!

Навивачите на Шкендија со своето непримерно однесување за време на минутата молк во чест на жртвите од трагедијата во Кочани ја ставија својата екипа во незавидна позиција. Наместо тишина и почит, трибините одекнуваа со песни поврзани со УЧК, што може да резултира со жестока санкција за тетовскиот клуб. Според дисциплинскиот правилник, Шкендија е под закана од сериозни последици – суспензија на стадионот од четири до дванаесет натпревари, можност за играње на неутрален терен, како и парична казна која би можела да изнесува до 5.000 евра. Сега топката е во рацете на Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија, која ќе ја донесе конечната одлука за евентуалните санкции. Во меѓувреме, се очекува официјална реакција од клубот во врска со контроверзниот потег на нивните навивачи. Оваа одлука може сериозно да го погоди тимот, бидејќи до крајот на сезоната Шкендија има четири натпревари на домашен терен во првенството и еден меч во Купот на Македонија. Ако казната биде максимална, сите овие дуели би можеле да се одиграат без публика или далеку од нивниот стадион.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.