Јунајтед потсети на старите денови: Постигнаа брзи три гола и изборија полуфинале (ВИДЕО)

April 17, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Јунајтед потсети на старите денови: Постигнаа брзи три гола и изборија полуфинале (ВИДЕО)

Манчестер Јунајтед обезбеди место во полуфиналето од Лигата на Европа по епска драма и неверојатен пресврт против Лион. Во спектакуларен реванш натпревар на „Олд Трафорд“, англискиот тим од негатива од 2-4 во 114. минута, со три брзи гола направи фудбалска магија и се издигна меѓу четирите најдобри екипи во второто најпрестижно европско натпреварување. Под водство на Рубен Аморим, „црвените ѓаволи“ одиграа феноменално прво полувреме. Доминираа во нападот предводени од Гарначо, Бруно Фернандеш и Хојлунд, но а Угарте беше тој што прв се запиша на семафорот во 10. минута. Јунајтед продолжи со офанзива, а откако Бруно ја погоди пречката и промаши зицер, Далот со прецизен удар во последните моменти од првиот дел донесе водство од 2-0. Во второто полувреме, домашните продолжија со притисок, но Гарначо ја промаши најголемата шанса, по што Лион возврати преку Толисо во 71. минута. Само неколку моменти подоцна Таљафико го израмни резултатот и натпреварот замина во продолженија, каде Лион остана со играч помалку по вториот жолт картон на Толисо. И покрај бројните шанси за Јунајтед, Лион успеа да поведе преку Шерки во 105. минута, а потоа и Лаказет од пенал го зголеми водството на 2-4, создавајќи привидно недостижна предност. Но, тука започна фудбалска бајка – прво Бруно од пенал намали на 3-4, па Мејну со спектакуларен гол во 120. минута израмни, за веќе во следниот напад Хари Мегвајер со удар со глава да го постави конечниот резултат 5-4. Манчестер Јунајтед приреди вистинска фудбалска сензација и докажа дека на „Театарот на соништата“ ништо не е невозможно.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.