April 28, 2025 | | Македонија
Во Варна, Бугарија, македонските фудбалски ветерани вчера одиграа пријателски хуманитарен натпревар против славната златна генерација на бугарскиот фудбал од 1994 година. Натпреварот беше организиран како поддршка за семејствата настрадани во големата трагедија што ја потресе Кочани. Нашите ветерани успеаја да извојуваат победа од 3:2, а по завршувањето на мечот, Горан Пандев, еден од најдобрите македонски фудбалери на сите времиња, им се обрати на присутните на прес-конференцијата со искрени зборови на благодарност. „Прво, од срце сакам да се заблагодарам во мое име, во име на цела Македонија и на претседателот на Фудбалската федерација на Македонија. Благодарни сме за оваа прекрасна организација, беше чест да играме против најдобрите во историјата на бугарскиот фудбал. Се надеваме дека ќе имаме уште вакви средби во иднина и ве очекуваме како гости во Македонија,“ истакна Пандев. Тој додаде дека како што кажал и Христо Стоичков, најтрагичната загуба, животите на децата, не може да се надомести, и дека оваа иницијатива имала за цел барем малку да се помогне. „Ова беше голема трагедија не само за Македонија, туку и за цела Европа, и се надевам никогаш да не се повтори. Спортот е најголем амбасадор на мирот“, нагласи Пандев. Натпреварот беше одигран во духот на братството и пријателството, со многу емоции и заедничка желба да се покаже човечност преку фудбалот.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |