Еве кога „пукна љубовта“ меѓу Анчелоти и Перез

April 28, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Еве кога „пукна љубовта“ меѓу Анчелоти и Перез

Карло Анчелоти, трофејниот стратег на Реал Мадрид, најверојатно ги одработува последните натпревари на клупата на „кралевите“. Според шпанските медиуми, речиси е извесно дека од следната сезона Италијанецот повеќе нема да го предводи тимот од „Сантијаго Бернабеу“. Иако во претходните сезони му донесе значајни успеси на Реал, Анчелоти се наоѓа под зголемен притисок поради опасноста оваа натпреварувачка година да остане без трофеј. Елиминацијата во четвртфиналето на Лигата на шампионите и болниот пораз од Барселона со 3:2 во финалето на Купот на кралот дополнително ја влошија неговата позиција. Сè уште останува отворена борбата за титулата во Ла Лига, каде Реал заостанува четири бода зад лидерот Барселона, но шансите полека се намалуваат. Она што посебно привлекува внимание е информацијата дека односот меѓу Анчелоти и претседателот на клубот, Флорентино Перез, веќе подолго време не е на најдобро ниво. Како што пишува весникот „Релево“, сè започнало уште пред почетокот на сезоната, кога Анчелоти побарал засилување на стручниот штаб. Италијанецот му посочил на Перез дека згуснатиот распоред и бројните обврски бараат дополнителна стручна помош, предлагајќи ангажирање нови тактички аналитичари, но раководството останало глуво на неговите барања. Перез сметал дека постоечкиот стручниот кадар е повеќе од доволен, како што било докажано и во минатата сезона. И покрај сè, Анчелоти професионално ја извршува својата работа до крај, но се чини дека прашање на време е кога Реал официјално ќе започне нова ера со нов тренер на чело.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.