Комити собраа 12.000 евра за помош на настраданите во Кочани

April 29, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Комити собраа 12.000 евра за помош на настраданите во Кочани

Хуманата иницијатива на навивачката група „Комити“ резултираше со собрани 735.200 денари наменети како поддршка за жртвите од трагичниот настан што го погоди градот Кочани. Групата објави дека акцијата за помош завршила успешно, нагласувајќи дека солидарноста и човечноста се над ривалствата и боите. Огромната несреќа што го потресе овој источен град доби одговор и од трибините, каде љубителите на спортот повторно покажаа дека знаат како да бидат тука кога е најпотребно. „Комити“ испратија јасна порака дека македонскиот народ знае да застане обединето во моменти на тага и страдање. Донацијата ќе биде насочена кон оние на кои помошта им е најнеопходна, како симбол на солидарност и грижа.

„Трагедијата во Кочани никогаш не смее да се заборави, ниту да се повтори!
Во овој момент, најважно е да се помогне на семејствата на настраданите, на сите кои се уште ја водат најважната борба!
Во таа насока, како група низ разни акции успеавме да издејствуваме 735 200 ден. помош за настраданите во Кочани!
Бидејќи секогаш сме транспарентни!
• Веднаш по трагедијата, се упативме во Државната Болница во Скопје, каде што однесовме храна, вода и финансиска помош - 17 000 ден.
• На натпреварот против РК Алкалоид, наши членови донираа 39.600 ден.
• На натпреварот против Ц. Ѕвезда, наши членови донираа 378 600 ден.
• Донациите од кутиите пред стадионот во висина од 100 000 ден. ги дониравме на семејството на Сара Пројковска, вокал на групата ДНК, која жал е една од жртвите на трагедијата.
• Нашата подгрупа - Комити Драчево донираше 200 000 ден. директна помош!
Комити Запад секогаш ќе бидат со народот и за народот. Нашата мила Македонија не одгледала, за да ја браниме!“, стои во нивната објава на социјалните мрежи.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.