May 7, 2025 | | Свет
На преполнетиот „Џузепе Меаца“ синоќа се одигра вистински фудбалски трилер. Интер, во епска пресметка со Барселона, славеше со 4:3 по продолженија и избори место во финалето на Лигата на шампионите кое ќе се игра во Минхен. Каталонците, и покрај драматичниот пресврт и водството во финишот, останаа со празни раце и скршени надежи. Сè изгледаше ветувачки за Барса, особено по првиот натпревар кој заврши 3:3. Во реваншот, иако на полувремето губеа со 0:2, успеаја да се вратат и дури поведоа со 3:2 во 87. минута со голот на Рафиња. Се чинеше дека финалето е на дофат. Но Интер не се предаде. Во последните минути, Дензел Думфрис изведе прецизен центаршут, а стоперот Франческо Ачерби со мајсторски погодок израмни на 3:3 и го одведе мечот во продолженија. Токму таму, златниот џокер на Симоне Инѕаги – Давиде Фратеси, го постигна победничкиот гол, по кој настана ерупција од емоции на трибините. Барселона беше блиску до своето деветто финале во историјата на ЛШ, но остана без шансата за европска круна оваа сезона. Сега, единствена надеж им останува титулата во Ла Лига, каде имаат четири бода предност пред Реал Мадрид – кој го пречекуваат веќе овој викенд. По натпреварот, талентираниот тинејџер Ламин Јамал испрати порака преку Инстаграм: „Дадовме сѐ што имавме. Овојпат не успеавме, но ќе се вратиме, не се сомневајте! Барса заслужува да биде на врвот и таму ќе ја однесеме. Ќе го исполнам ветувањето, ќе донесам трофеи во овој клуб. Веќе во недела нè чека ново финале. Виска ел Барса!“
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 7, 2024 |
September 16, 2024 |