35 години од „Максимир“ кој го означи стартот на војната во Југославија

May 13, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

35 години од „Максимир“ кој го означи стартот на војната во Југославија

На 13 мај 1990 година, стадионот „Максимир“ во Загреб не беше само место каде што требаше да се одигра дербито меѓу Динамо Загреб и Црвена Звезда. Тој ден, тревникот не виде топка, туку крв, камења и солзавец. Наместо фудбал, се одигра едно од најмрачните поглавја на спортската историја на Балканот, денот кога натпреварот беше поразен од национализмот. Судирот меѓу навивачките групи „Бед блу бојс“ и „Делије“ прерасна во улична битка, а наместо судии и голови, во главна улога се најдоа палките на милицијата и извици на омраза. Над 200 луѓе беа повредени, а мечот никогаш не започна. Снимките го обиколија светот, трибини претворени во бојно поле, чад од запалени објекти и крвави лица. Дури и глобалната телевизиска мрежа CNN го стави меѓу петте фудбалски настани кои го сменија светот. Но, зад хаосот на трибините се криеше нешто многу подлабоко. Помалку од еден месец пред тоа, во Хрватска победи националистичката партија ХДЗ на првите демократски избори. Политичката клима беше веќе наелектризирана, а стадионот стана отворена сцена за неизговореното, страв, гнев и распад. Навивачите на Звезда пристигнаа со возови од Белград, носејќи не само транспаренти туку и силно чувство на идентитет. „Бед блу бојс“ одговорија со националистички пароли, а полицијата беше изненадена и неподготвена. Во еден момент, фудбалерот на Динамо, Звонимир Бобан, удри полицаец во обид да заштити навивач. Тој чин стана мит. За едни херој на отпорот, за други почеток на поделбите. Бобан и самиот подоцна изјави дека не се кае: „Не беше против Србите, туку против репресивниот систем.“ Нередите продолжија и по евакуацијата на стадионот. Загреб таа вечер личеше повеќе на бунтовен град отколку на спортска престолнина. Скршени трамваи, излози и автомобилски стакла беа слики на новото време што доаѓаше. Фудбалерите на двата тима останаа заклучени на стадионот, а Бобан дури отиде до соблекувалната на Звезда за да им гарантира безбедно заминување. Контрастот беше очигледен, човечност во време на распад. Повеќе од три децении подоцна, 13 мај останува како симболичен датум не на неизигран дерби-натпревар, туку на денот кога Југославија почна да се руши, не со пушки, туку со урлаци од трибините.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.