Манчестер Јунајтед со нови два антирекорди по поразот од Челси

May 17, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Манчестер Јунајтед со нови два антирекорди по поразот од Челси

Не беше тоа само уште еден пораз (1:0 од Челси на „Стемфорд Бриџ“), туку уште еден симболичен удар за клуб кој некогаш доминираше со англиската фудбалска сцена. Стрелецот Марк Кукуреља, по маестрална асистенција на Рис Џејмс, не само што ги запечати трите бода за „сините“, туку го фрли и последниот сноп светлина врз темната сезона на Јунајтед. Со 18 порази во лигата речиси половина од сите натпревари, Јунајтед поставува негативна историја. И, како иронија, дури и Саутемптон, еден од најслабите тимови во историјата на Премиер лигата има подобра форма со три ремија од последните осум натпревари. Јунајтед? Шест порази и две ремија, без ниту една победа. Во целиот хаос на лоши резултати, неочекувано се појави мал сјај: пласман во финалето на Лига Европа. По убедливото елиминирање на Атлетик Билбао со вкупни 7:1, „црвените ѓаволи“ ќе се соочат со Тотенхем, меч кој може да ја спаси сезоната или да ја потврди нејзината трагичност. Но, критиките не стивнуваат. Рој Кин, некогашниот капитен на овој клуб, без пардон коментираше. „Играчите не веруваат дека можат да победат, менаџерот е премногу мирен. Фановите повеќе не се лути, туку прифаќаат. Тоа е најстрашното.“

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.