Сити го совлада Борнмут и е на чекор од ЛШ, Де Брујне се збогуваше со „Етихад“ (ВИДЕО)

May 21, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Сити го совлада Борнмут и е на чекор од ЛШ, Де Брујне се збогуваше со „Етихад“ (ВИДЕО)

Манчестер Сити со сигурни 3-1 го совлада Борнмут на „Етихад“ во меч обележан со емоции и посебна атмосфера поради последниот настап на Кевин де Брујне пред домашната публика во светло синиот дрес. Белгискиот маестро, кој во изминатата деценија беше моторот на Сити, беше стартер на натпреварот, а навивачите му приредија незаборавна сцена со огромен банер и стоечки овации. Секој допир на топката од Де Брујне беше поздравен со аплауз. Натпреварот започна живо и веќе во 14. минута Мармуш со спектакуларен удар донесе водство за „граѓаните“. До крајот на првото полувреме, Бернардо Силва во 38. минута зголеми на 2-0 по една добро изработена акција. Во вториот дел, мечот доби дополнителна динамика. Во 67. минута Матео Ковачиќ доби директен црвен картон, но само седум минути подоцна и Кук од редовите на Борнмут беше исклучен, па силите на теренот повторно беа израмнети. Во финишот од мечот, Родри се врати на теренот заменувајќи го Халанд, што исто така беше поздравено со ентузијазам од трибините. Во 89. минута Нико зголеми на 3-0, а почесниот гол за Борнмут го постигна Џебисон во судиското надополнување, поставувајќи ги конечните 3-1. За Де Брујне, ова беше симболично затворање на едно златно поглавје со Манчестер Сити, клубот со кој освои бројни титули и остави неизбришлива трага.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.