Беса како клуб згаснува: Фокусот ќе биде ставен на академијата!

May 25, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Беса како клуб згаснува: Фокусот ќе биде ставен на академијата!

Фудбалскиот клуб Беса 1976 објави драматична одлука – сениорскиот тим престанува со натпреварување и клубот се повлекува од сите лиги, вклучително и од Втората лига на Македонија. Веста доаѓа само неколку часа по поразот од Башкими со 0-2 во баражот за опстанок во Првата лига, што беше и последен официјален натпревар на првиот тим. „По долг период на ангажман, посветеност и жртва за клубот кој ни е во срцето, донесовме одлука дека од денеска сениорскиот тим нема да се натпреварува. Нашата иднина ја гледаме во развојот на академијата“, се вели во официјалното соопштение на клубот. Од Беса најавуваат дека од сега целиот фокус ќе биде насочен кон младинските категории и фудбалската академија, каде што ќе продолжи работата со млади таленти и вложување во идните генерации. Клубот изрази благодарност кон сите фудбалери, тренери, спонзори и навивачи кои биле дел од неговата историја, упатувајќи емотивна порака за разделба. „На сите кои ја носеле нашата боја, на стручниот штаб, на оние кои вложија мали или големи придонеси во нашиот пат ви благодариме од срце.“ Беса 1976, клуб со традиција и препознатлив идентитет, со оваа одлука затвора важно поглавје во својот сениорски фудбалски живот. Како што истакнаа од управата, иднината ја гледаат во младите – со надеж дека преку академијата ќе продолжат да градат вредности и фудбалски имиња.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.