Трајковски: Белгија е силен противник, мора да го извлечеме најдоброто од нас

May 29, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Трајковски: Белгија е силен противник, мора да го извлечеме најдоброто од нас

Македонската фудбалска репрезентација денеска ги започна подготовките за претстојните квалификациски натпревари за Светското првенство против Белгија и Казахстан. Натпреварот со Белгија е закажан за 6 јуни во 20:45 часот и ќе се одигра во Скопје. Александар Трајковски, еден од најискусните репрезентативци, ги сподели своите размислувања во пресрет на дуелите, истакнувајќи ја важноста на овој квалификациски циклус. „Иако сме на крајот од сезоната, мораме максимално да се фокусираме. Овие натпревари се клучни за нас“, нагласи тој. Според Трајковски, мотивацијата е на високо ниво, особено поради тоа што се игра против силен противник. „Секогаш постои дополнителен мотив кога настапувате против посилна репрезентација, како што е Белгија“, рече тој. Трајковски додаде дека е свесен за промените во белгијската селекција. „Играв во Белгија, но од тогаш помина многу време. Тие сега имаат млади и талентирани играчи, што значи дека не очекува поинаков натпревар“, изјави Трајковски. „Имаме доволно време да се подготвиме. Сакаме да го извлечеме максимумот од себе и да прикажеме добра игра. По овој циклус ќе има време за одмор, но сега треба да се даде сѐ од себе“, заклучи репрезентативецот.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.