June 4, 2025 | | Македонија
Легендата на македонскиот фудбал, Горан Пандев, во интервју за „Фотмоб“ отворено зборуваше за повеќе актуелни теми, вклучувајќи го односот со селекторот Благоја Милевски, обидот за враќање на Стефан Ристовски во репрезентацијата и очекувањата од претстојните натпревари против Белгија и Казахстан. Пандев, кој во минатото беше во конфликт со претходното раководство на ФФМ и со самиот селектор Милевски, сега е дел од новата структура на федерацијата и вели дека односот со селекторот е професионален. „Би го опишал нашиот однос како професионален. Тој е актуелен селектор на репрезентацијата и новото раководство предводено од претседателот Омерагиќ му ја даде целосната поддршка. Но, тој сам си ја креира судбината, бидејќи резултатите се огледало на работата на селекторот и му посакувам среќа“, рече Пандев. Пандев откри и дека направил обид да го убеди Стефан Ристовски да се врати во националниот тим, но безуспешно. „Му се јавив уште во декември, по смената на раководството. Му објаснив дека и јас се повлеков еднаш, но се вратив. Сепак, Стефан има поинаков став по поразот од Англија и тоа мора да се почитува. Тој е зрела личност и сè уште игра на високо ниво, но одлуката е негова“, истакна Пандев. Пандев воедно предупреди дека престојните натпревари ќе бидат многу тешки, особено против Белгија, но верува дека Македонија има што да покаже. „Белгија е фаворит, нема сомнеж во тоа, но покажавме против Велс и Лихтенштајн дека имаме квалитет. Со поддршка од публиката, можеме да се надигруваме и да извлечеме позитивни резултати“, порача тој. Пандев, како дел од новото раководство, испраќа јасна порака: поддршка за селекторот, обиди за консолидација на тимот и силна верба во македонските репрезентативци.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |