Шверцери ќе протестираат во Скопје бидејќи не добија карти за мечот Албанија-Србија

June 5, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Шверцери ќе протестираат во Скопје бидејќи не добија карти за мечот Албанија-Србија

Навивачката група на Шкупи, Шверцери, јавно изрази незадоволство поради тоа што не добија билети за квалификацискиот меч меѓу Албанија и Србија што ќе се одигра во Тирана. Фудбалската федерација на Албанија одби да им додели влезници, а како одговор на оваа одлука, Шверцери најавија протестен собир во сабота во 20:45 часот, токму во терминот на одигрување на натпреварот на плоштадот „Скендербег“. „Сакаат да не поделат, но не можат тоа да го направат со билети, правила и наредби. Ние сме глас на трибината кој никогаш не запира. Ние сме ‘Шверцери’, црвено-црни. Или си со нацијата или си против неа“, стои во соопштението на навивачката група од Чаир. Информациите говорат дека Шверцери не се единствената навивачка група која не добила билети – слична судбина имале и групи од самата Албанија. Овие навивачи биле принудени да се обидат да дојдат до карти по регуларен пат, но шансите биле минимални. За ограничените 22.000 билети аплицирале над 200.000 луѓе, што само ја нагласува тензијата и интересот околу овој меч, кој е официјално класифициран како натпревар од висок ризик поради историските и политички чувствителности. Очекувањата се натпреварот да се одигра под силно обезбедување, додека протестниот собир на навивачите ќе биде уште еден сигнал за незадоволството од начинот на распределба на билетите.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.