Официјално: Киву е нов тренер на Интер!

June 9, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Официјално: Киву е нов тренер на Интер!

Интер доби нов тренер – Кристијан Киву денеска и официјално беше промовиран како наследник на Симоне Инзаги. 44-годишниот Романец потпиша двегодишен договор со миланскиот гигант, кој ќе важи до крајот на сезоната 2026/2027. Киву е добро познато име за навивачите на „нераѕурите“. Тој беше дел од легендарната генерација на Интер која во 2010 година под водство на Жозе Мурињо ја освои историската „триплета“ – Серија А, Купот на Италија и Лигата на шампионите. Во таа екипа беше и соиграч на македонската фудбалска ѕвезда Горан Пандев. По завршувањето на играчката кариера, Киву остана во Интер, каде ја започна својата тренерска работа во младинските категории, водејќи ги тимовите до 14, 17 и 18 години, како и Примавера составот. Во 2024 година ја презеде Парма и успеа да го задржи клубот во елитата. Сега се враќа на „Џузепе Меаца“, но во сосема нова улога – како главен стратег на првиот тим. Интер верува дека Киву ќе успее да ја продолжи успешната традиција и да ја задржи конкурентноста на клубот и во домашното првенство и на европската сцена.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.