June 9, 2025 | | Македонија
Македонската фудбалска репрезентација победи со 1-0 на гостувањето кај Казахстан, во натпревар од четвртото коло од квалификациите за Светското првенство 2026. Голот за водство го постигна Александар Трајковски во 33. минута, по серија несигурни реакции во одбраната на домаќините. Откако еден казахстански дефанзивец неуспешно ја расчисти топката, таа заврши кај Божиновски, кој веднаш ја префрли до Трајковски. По отскокнување и контакт со домашен играч, топката легна совршено за волеј удар, кој заврши во мрежата зад немоќниот голман на Казахстан. Натпреварот се играше во израмнет ритам, со многу борба на средината од теренот, но со голот Македонија доби дополнителна сигурност и иницијатива. Казахстан сериозно се закани во второто полувреме, откако уште во првите минути Сомороддов со силен удар ја погоди пречката на македонскиот гол. Тоа беше најава за далеку поагресивен пристап на домаќините во продолжението од мечот. Иако и Македонија имаше неколку обиди, Казахстан беше поконкретен и поопасен. Во 84. минута, по нова офанзивна акција, Садбаев успеа да се ослободи и да упати удар кој заврши во стативата, оставајќи ги домаќините без израмнување. Македонија ја задржа минималната предност стекната во првото полувреме и се обидуваше преку контри да го реши натпреварот, но до крајот не успеа да постигне втор гол. Натпреварот остана неизвесен до последниот свиреж, но нашата селекција успеа да одолее на притисокот и да ги запише важни три бода. Македонија привремено ќе го заземе првото место со осум бодови пред Велс кој има седум бодови, Казахстан три, Белгија еден и Лихтенштајн нула.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |