„Интер беше многу арогантен, поради тоа прими пет гола од ПСЖ“

June 14, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

„Интер беше многу арогантен, поради тоа прими пет гола од ПСЖ“

Италијанскиот стратег и актуелен тренер на Олимпик Марсеј, Роберто де Зерби, остро ја критикуваше играта и пристапот на Интер по поразот од 0:5 во финалето од Лигата на шампионите против ПСЖ. Во гостување во подкастот „Супернова“ со Алесандро Кателано, Де Зерби посочи дека неразбирањето на францускиот фудбал и „арогантниот“ пристап биле клучните фактори за понижувањето. „Интер е силен тим, Инзаги е одличен тренер, но не смееш да влезеш во финале со толку малку респект кон противникот. Не се подготвија како што треба. Имаше ароганција. Не го прочитаа ПСЖ и платија скапо“, вели тој. Де Зерби ја истакна неспособноста на Интер да ги препознае деталите во играта на ПСЖ – елементи што, според него, се очигледни за оние кои ја следат Лига 1. „Не знаеја дека ПСЖ почнува акција од центарот како да игра рагби, дека Дембеле демне на раб од шеснаесетникот, или дека Дуе е на нивото на Ламин Јамал. Дека Витиња можеби е моментално најдобар играч од средниот ред во светот. Не го препознаа ни Невеш. Тоа е недозволиво на овој степен од натпреварување.“ Де Зерби посочи и поширок проблем во италијанскиот фудбал – подценување на француското првенство и неинформираност за неговата компетитивност. „Во Италија никој не зборува за тоа што направи мојот Марсеј. Никој не пишуваше ништо за тоа што Лил беше во осминафинале, Брест заврши зад ПСЖ, а Монако со играч помалку загуби од Интер. Монако ја победи Барса. А Италија? Видовме што се случи со Норвешка“, додаде де Зерби.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.