June 17, 2025 | | Свет
Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, испрати јасна порака до Барселона – клубот мора уште да работи на својата финансиска рамнотежа ако сака да ги реализира планираните засилувања. Каталонскиот гигант деновиве ја активираше откупната клаузула за голманот Жоан Гарсија (повеќе од 26 милиони евра), а во тек се финалните подготовки за ангажман и на Нико Вилијамс, за кого веќе постои личен договор до 2031 година со годишна плата од 12 милиони евра. Но, Тебас предупредува. „Да го купиш Гарсија е едно, но да го регистрираш е сосема друго. Барса мора уште да сработи за да го пријави. Не многу, но доволно. Точно знаат што треба да направат.“ За трансферот на Нико Вилијамс, ситуацијата е уште покомплицирана. „Има многу шпекулации, а вистината е дека Барса сè уште не ги исполнува условите за нови регистрации. Сè додека не влезат во правилото 1:1, ќе мора да продаваат и балансираат. Ако навистина сакаат да го донесат Нико – нема друг избор.“ Сепак, адвокатот Мигел Галан го демантираше Тебас и смета дека тој лаже. „Барселона функционира по правилото 1:1 (сите пари заработени од продажба на играч да можат да се потрошат за купување на играч), без оглед на тоа што Ла Лига мисли“, вели тој. Ла Лига издаде соопштение за медиумите во април во кое се наведува дека Барселона повеќе не е во правилото 1:1, кое претходно им овозможи полесно да дишат и да работат послободно и посигурно на трансфер пазарот. „Претходно објаснив дека ова „излегување“ од рамките на нормалниот FFP е всушност само правна стратегија на Ла Лига поврзана со жалбата што претходно ја поднесоа во врска со регистрацијата на Дани Олмо и Пау Виктор, сè со намера да се обидат да го убедат судот дека Барселона нема место во FFP. Барселона не го „скрши“ FFP, туку тоа беше само блеф од г-дин Тебас преку правниот тим на Ла Лига. Тебас и Лигата, свесни дека ќе изгубат во случајот Олмо-Виктор, одлучуваат да издадат позната изјава тврдејќи дека ја „отстраниле“ Барселона од правилото 1:1, за да можат да кажат пред судија дека споменатото правило не било почитувано од страна на клубот“, додава Галан. Тој смета дека тие го направија ова во обид да ја искористат разликата во финансиските извештаи доставени од клубот и ревизорската фирма Crowe, кои се однесуваат на 100 милиони евра приход од изнајмување на 5% од седиштата во ВИП ложата за период од 30 години. „Иако ова не е релевантно за FFP, Лигата сепак ја прифати ревизијата спроведена од Crowe. Crowe не ги одобри овие 100 милиони евра бидејќи ВИП ложата на новиот „Камп Ноу“ сè уште не била изградена, па затоа го сметаа за фиктивен приход. Тие тврдеа дека ова не може да биде реален приход, а јас целосно не се согласувам со ова тврдење. Нема правна основа за фактот дека физичките градежни работи мора да бидат доказ за приход во овој случај“, потенцира тој. Ова значи дека Ла Лига на чело со Тебас и понатаму продолжува да го кочи шпанскиот шампион кој на чело со оваа управа полека финансиски закрепнува.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 7, 2024 |
September 16, 2024 |