Бенџамин Шешко пред трансфер на кариерата, трансферот може да чини 100 милиони!

June 18, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Бенџамин Шешко пред трансфер на кариерата, трансферот може да чини 100 милиони!

Словенечкиот голгетер Бенџамин Шешко е на чекор до најголемиот трансфер во својата досегашна кариера – од РБ Лајпциг директно во срцето на англиската Премиер лига. Според угледниот германски „Билд“, 22-годишниот напаѓач веќе постигнал личен договор со Арсенал, каде Микел Артета го гледа како новата напаѓачка алатка за поход кон титулата. Сега фокусот се префрлува на преговорите меѓу двата клуба, а отштетата се очекува да се движи меѓу 80 и 100 милиони евра – сума која само потврдува колку високо котира Шешко на европскиот пазар. Младиот словенечки напаѓач изминатата сезона ја заврши со 21 гол на 45 натпревари во дресот на РБ Лајпциг, импресивна статистика која му ги отвори вратите на елитните европски клубови. Неговото фудбалско патешествие започна во Кршко, продолжи во Домжале, па преку Ред Бул Салцбург каде се истакна како голем потенцијал, стигна до трансфер вреден 24 милиони евра во Лајпциг во 2023 година. Шешко е и важен дел од словенечката репрезентација, каде на 41 настап веќе има постигнато 16 голови, бројка која зборува за зрелоста и ефикасноста што ги поседува и покрај младите години. Ако трансферот биде официјално комплетиран, Арсенал ќе добие модерна „деветка“ со физички капацитет, брзина и голем осет за гол, квалитети што може да направат разлика во клучните натпревари на Премиер лигата и во Европа.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.