Од миленик до мета: Жоан Гарсија под закани по трансферот во Барселона

June 22, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Од миленик до мета: Жоан Гарсија под закани по трансферот во Барселона

Во светот на фудбалот, трансферите меѓу ривалски клубови секогаш предизвикуваат бранувања, но ретко кога резултираат со опасност по живот. Токму тоа му се случи на 24-годишниот голман Жоан Гарсија, кој за краток период премина од јунак на Еспањол во човек кој живее под страв и закани. Гарсија, кој пред само четири години дебитираше во професионалниот фудбал со дресот на Еспањол, неодамна го направи речиси незамисливото – потпиша за најголемиот ривал, Барселона. Последен пат ваков трансфер се случил далечната 1994 година, а навивачите на „папагалите“ оваа одлука не ја простија. Наместо критики ограничени на социјални мрежи, ситуацијата излезе од контрола. Некој од поддржувачите на Еспањол јавно го објавил личниот телефонски број на Гарсија, повикувајќи на организирано вознемирување. Наскоро започнале да пристигнуваат стотици пораки – закани, навреди, па дури и повици на насилство. Шпанските медиуми пренесуваат дека голманот бил принуден да го смени бројот и да поднесе пријава до полицијата, која веќе започнала истрага. Стравот од можен напад го принудил Гарсија да се изолира – последната недела воопшто не излегувал од својот дом, дури пропуштил и роденден на близок пријател.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.