Барселона заинтересирана за бекот кој ги изнамачи во полуфиналето на ЛШ

July 3, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Барселона заинтересирана за бекот кој ги изнамачи во полуфиналето на ЛШ

Барселона сериозно размислува да ја активира клаузулата на Дензел Дамфрис од Интер, откако дозна дека Холанѓанецот може да биде ангажиран за релативно „скромни“ 25 милиони евра – клаузула што важи до 15 јули. Иако на десната бековска позиција „Каталонците“ веќе го имаат Жил Кунде, спортскиот сектор гледа на Дамфрис како на зделка што не се пропушта: проверен европски квалитет, искуство од врвни натпревари, и цена каква ретко се гледа во денешниот фудбал. Самиот Дамфрис им зададе големи главоболки на Барселона во полуфиналето од Лигата на шампиони – постигна два гола и една асистенција на „Монжуик“, а потоа две асистенции и во реваншот на „Меаца“, каде Интер се избори за пласман во финалето. Сега, токму тој што ги елиминираше, би можел да стане нивно ново оружје – ако Барса успее да го обезбеди трансферот пред истекот на клаузулата. Негов агент е Хорхе Мендеш со кого Барселона има добри односи. Наводно, Мендеш е на став дека дури и по 15 јули Барселона би можела да го ангажира Дамфрис за слична сума.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.