Беќири верува во победа: Шкендија е фаворит во реваншот

July 9, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Беќири верува во победа: Шкендија е фаворит во реваншот

По ремито без голови на гостувањето кај ТНС во Велс, тренерот на Шкендија, Јетон Беќири, изрази задоволство од резултатот и оптимизам пред реваншот кој ќе се одигра наредниот вторник на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Тетовскиот тим беше издржан во одбраната, а голманот Гаје блескаше со неколку клучни интервенции, поради што беше прогласен за херој на натпреварот. Сепак, Беќири смета дека неговиот тим бил поконкретен и поопасен. „Имавме повеќе шанси од ТНС. Во одредени делови од мечот доминиравме, иако направивме неколку дефанзивни грешки кои наш голман одлично ги исправи. Имајќи предвид условите – вештачки терен и отсуствата на Ибраими и Алхасан – ова е прифатлив резултат“, изјави Беќири. Со поглед кон реваншот, Беќири вели дека Шкендија ќе има и предност од домашниот терен и поддршката на публиката. „Сметам дека важиме за благ фаворит. Тоа го кажувам базирано на квалитетот кој го имаме. Ќе имаме една седмица за подготовки, верувам дека играчите кои ни недостасуваа ќе се вратат и ќе бидеме целосни. Со публиката зад нас, ќе се бориме за пласман во втората рунда.“ Реваншот се игра во вторник (20:00 часот) во Скопје, каде Шкендија ќе има шанса да го повтори успехот од 2018 година, кога токму ТНС беше елиминиран од европските квалификации.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.