Стефан Ристовски потпиша со Сараево до 2027 година

July 10, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Стефан Ристовски потпиша со Сараево до 2027 година

Македонскиот дефанзивец Стефан Ристовски и официјално е нов член на ФК Сараево. Клубот од Босна и Херцеговина вечерва го потврди трансферот на поранешниот репрезентативец, кој по заминувањето од Динамо Загреб се приклучува како слободен играч. Ристовски потпиша договор со важност до 2027 година, со опција истиот да биде продолжен за уште една сезона. Од клубот најавуваат дека неговото пристигнување ќе донесе стабилност и квалитет во одбраната, особено на десната страна. „Искуство и сила на десната страна. Стефан Ристовски е нов фудбалер на ФК Сараево“, соопштија од клубот. Овој трансфер доаѓа во период кога ФК Сараево прави сериозни кадровски промени, а само пред неколку дена за технички директор беше назначен друг поранешен македонски репрезентативец – Крсте Велкоски. Ристовски зад себе има богата интернационална кариера, со настапи во Португалија, Италија, Хрватска и Македонија, а сега ќе има нов предизвик во босанскохерцеговската Премиер лига.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.