Брегалница од Штип доби нови газди: Тајна купопродажба за 150.000 евра

July 22, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Брегалница од Штип доби нови газди: Тајна купопродажба за 150.000 евра

Фудбалскиот клуб Брегалница – еден од најстарите и најпрепознатливи клубови во Македонија – добива ново раководство поради продажбата на мнозинскиот пакет акции преку Македонската берза. Во блок-трансакција вредна над 150 илјади евра, 51,2% од сопственоста премина од досегашниот мнозински акционер Кирил Гогов на нов, засега непознат сопственик. Акциите со номинална вредност од 100 евра биле продадени по цена од 1.175 евра за поединечна акција – сума што укажува на зголемен интерес или планови за идни инвестиции во клубот. Гогов, кој клубот го презеде во 2019 година, повеќе не е во сопственичката структура. Другиот дел од акциите (48,8%) останува во рацете на Општина Штип. Засега не е јасно кој е новиот газда, ниту какви се неговите планови со клубот кој веќе неколку години се натпреварува во Втората лига, и покрај изразените амбиции за прволигашко друштво. Финансискиот биланс на клубот исто така го привлекува вниманието – минатата година е завршена со загуба од околу 93.000 евра, за разлика од 2023 кога е прикажана добивка од речиси 98.000 евра. Останува да се види дали промената во сопственичката структура ќе донесе нова енергија и конечно враќање на Брегалница во Првата лига.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.