Еден од најголемите англиски некогашни таленти планира пензија на 29 години

August 2, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Еден од најголемите англиски некогашни таленти планира пензија на 29 години

Англискиот фудбалер Деле Али, кој своевремено важеше за едно од најголемите ветувања на англискиот фудбал, би можел предвреме да стави крај на кариерата. Според најновите информации, Али отпаднал од плановите на италијанскиот клуб Комо за новата сезона и добил инструкции да тренира индивидуално. Овој развој дополнително го разочарал играчот, кој сè повеќе размислува за повлекување од фудбалот, и тоа на само 29 години. Деле Али се појави како фудбалски бисер во 2015 година, кога премина од МК Донс во Тотнем за околу 5 милиони фунти. Брзо стана важен дел од тимот, а сезоната 2016/17 ја одигра блескаво – постигна 18 гола во Премиерлигата како играч од средниот ред. Сепак, по финалето на Лигата на шампионите во 2019 година, формата започна да му опаѓа. Влезе во конфликт со тренерот Маурисио Покетино, а потоа и со наследникот Жозе Мурињо, кој не успеа да го врати на посакуваното ниво. Наводно, Али бил неконзистентен, без мотивација и со слаб тренажен ангажман. Следуваа мрачни моменти и борба со депресија. Преодот во Евертон не донесе пресврт, а ниту позајмицата во Бешикташ не заврши успешно. По долга пауза, доби нова шанса во Комо, каде што легендата Ческ Фабрегас се обиде да му помогне. Но, Деле Али одигра едвај десетина минути во Серија А и повторно исчезна од сцената. Откако Комо реши да не смета на него за следната сезона, Деле е принуден да тренира сам. Иако сè уште нема официјална одлука, извори блиски до клубот тврдат дека фудбалерот сериозно размислува да стави крај на својата некогаш блескава, но кратка и бурна кариера.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.