Флик: Претходната сезона беше прекрасна, во новата сакаме да освоиме уште трофеи

August 10, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Флик: Претходната сезона беше прекрасна, во новата сакаме да освоиме уште трофеи

Барселона вчера го одигра традиционалниот натпревар за Купот „Жоан Гампер“, кој секоја година служи како свечено отворање на сезоната и претставување на новиот тим пред домашната публика. Овој пат, каталонскиот гигант на „Кројф“ стадионот го пречека италијанскиот тим Комо, а атмосферата уште пред почетокот беше исполнета со возбуда и очекувања. Традиционално, пред првиот свиреж, навивачите имаа можност да го чујат и официјалниот поздрав од тренерот на клубот, Ханси Флик. Германецот, кој претходната сезона го презеде кормилото од Чави Ернандез, им се заблагодари на фановите за минатогодишната поддршка и ја истакна својата амбиција да ја води Барса кон нови успеси. „Ви благодарам за поддршката во текот на минатата сезона која беше прекрасна. Затоа сакаме да продолжиме да создаваме нови историски моменти. Напорно ќе работиме и во новата кампања, сакаме да освоиме уште трофеи“, изјави Флик, испраќајќи јасна порака дека титулите се приоритет број еден. Со овој натпревар, официјално започна новата сезона за Барселона каде се претставуваа летните засилувања пред домашната публика. Ова лето, клубот успеа да донесе звучни имиња како Маркус Рашфорд, шпанскиот голман Жоан Гарсија и шведскиот напаѓач Рони Бардџи, кои треба да донесат нова енергија и конкуренција во тимот. Од друга страна, клубот се раздели со Ињиго Мартинез, Пау Виктор и Пабло Торе.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.