Историски чекор: Барселона и Виљареал ќе играат Ла Лига натпревар во Мајами

August 11, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Историски чекор: Барселона и Виљареал ќе играат Ла Лига натпревар во Мајами

Денеска од Шпанија пристигна вест која се смета за историски момент за Барселона, но и за целиот шпански фудбал. По години шпекулации и разговори, конечно е донесена одлука да се одигра официјален натпревар од Ла Лига на американско тло. Првите екипи кои ќе имаат чест да бидат дел од овој проект се Виљареал и Барселона. Ла Лига ја прифати понудата и ја проследи до Фудбалскиот сојуз на Шпанија, кој исто така ја одобри. Сега останува само УЕФА да даде зелено светло за официјализација. Планирано е дуелот од 17. коло, кој е закажан за 20 декември, наместо на стадионот „Ла Керамика“ да се одигра во Мајами, САД. Овој потег е дел од стратегијата за интернационализација на шпанската лига и зголемување на нејзината комерцијална привлечност на американскиот пазар. Иако конкретните финансиски бројки од договорот не се обелоденети, извори од Шпанија тврдат дека станува збор за значителна сума која би можела да ја зголеми економската моќ на клубовите и самата лига. За потсетување, новата сезона во Ла Лига започнува веќе овој викенд, а Барселона својот прв натпревар ќе го одигра во сабота од 19:30 часот на гостински терен против Мајорка.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.