Криза во Чаир: Шкупи на раб на колапс

August 12, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Криза во Чаир: Шкупи на раб на колапс

Ситуацијата во Шкупи е сериозно загрижувачка. Според сегашната состојба, проблемите изгледаат тешко решливи. Навивачите, револтирани од ситуацијата, го изразија својот гнев со протест на последниот натпревар против Шкендија — гест кој во вакви услови изгледа целосно оправдан. Чаирчани едвај успеаја да состават тим за првото коло, излегувајќи на терен со дури седум младинци во стартната постава. ФФМ им излезе во пресрет со попуст, бидејќи имале само 10 регистрирани професионални фудбалери, а за настап во Првата лига потребни се најмалку 15. Но, ваквата состојба е јасно дека не може да се одржува долго. Против Шкендија, на клупата имаше само четворица резерви, од кои двајца беа голмани. Единствените фудбалери во стартниот состав кои не доаѓаа од младинските редови беа: Али Адеми, Адили, Мухарем и голманот Гроте. Дополнителен удар за тимот беше и заминувањето на летното засилување Ринор Ајдини, кој во јуни беше промовиран како ново име, но веќе потпиша за Арсими. Според последните информации, без важечки договори останале и: Ганците Емануел Аворнио и Келемн Ансах, Сенегалецот Ел Хаџи Гаје и Арсим Љамалари, па постои голема веројатност и тие да си заминат во наредниот период. Како дополнителен доказ за кризата на Чаир, тренерот Бобан Бабунски не беше на клупата без никакво официјално објаснување од клубот, а неговото место го зазеде Умит Шахин. Во второто коло Шкупи треба да го пречека Силекс, но и ова претставува проблем. Стадионот во Чаир е единствениот во Првата лига кој не ги исполнува условите за ВАР, поради што клубот не доби дозвола да го користи за натпревари од шампионатот. Со оглед на сите овие околности, јасно е дека ако не се случи драстичен пресврт, Шкупи во ваква состојба нема да може да опстане уште долго на највисокото ниво на македонскиот фудбал.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.