Без трофеи и со многу повреди – Реал започна темелна реконструкција

August 13, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Без трофеи и со многу повреди – Реал започна темелна реконструкција

По една од најразочарувачките сезони во поновата историја, во која Реал Мадрид остана без ниту еден трофеј, на „Сантијаго Бернабеу“ започнаа длабоки кадровски промени. Новиот тренер, Чаби Алонсо, е убеден дека главната причина за минатогодишниот неуспех била слабата физичка подготвеност на играчите во услови на исклучително напорен календар, пренесува „АС“. Како прв потег, Алонсо ја смени личноста што со години се сметаше за еден од најважните фактори во успехот на клубот – главниот кондиционен тренер Антонио Пинтус. Во шпанската јавност познат како „гуруто на физичката подготовка“, Пинтус е автор на легендарната „Метода Пинтус“, заслужна за четири ЛШ титули и бројни домашни трофеи. Но, како што нагласуваат во клубот – „од стара слава не се живее“. Иако е отстранет од својата водечка позиција, Пинтус нема целосно да го напушти Реал, туку ќе продолжи како дел од стручниот штаб поради важечкиот договор. Тој се врати во Мадрид во времето на првиот мандат на Зинедин Зидан, во период кога клубот доминираше и на домашната и на европската сцена. Сепак, минатата сезона донесе сосема поинаква слика – без титули и со рекорден број повреди кај клучните фудбалери. Критиките беа остри, а многу од нив беа насочени токму кон Пинтус, поради тоа што неговата програма не одговарала на темпото на модерниот фудбал. На местото на Пинтус, по препорака на Алонсо, доаѓа Исмаел Каменфорте – кондиционен експерт од Барселона со богато меѓународно искуство. Работел во Њујорк Сити, Манчестер Сити, репрезентацијата на Данска, како и во Баер Леверкузен, каде заедно со Алонсо го освоија првото шампионско злато во историјата на клубот. Каменфорте веднаш започна целосно редизајнирање на претсезонската програма со цел да ја зголеми издржливоста и да го намали ризикот од повреди. Промените не се ограничени само на физичката подготовка. Реал Мадрид започна и целосна реконструкција на медицинскиот тим. Главниот лекар, д-р Фелипе Сегура Ортиз, доби целосна автономија во изборот на нови соработници. Првото засилување е д-р Мануел Ароја од Гранада, а се очекува да пристигнат уште неколку лекари, физиотерапевти и специјалисти за рехабилитација. Постојниот медицински персонал кој беше задолжен за опоравување на фудбалерите ќе биде заменет. Целта е јасна – минимизирање на повредите и враќање на физичката свежина.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.