Барселона со триумф во Мајорка, мечот во сенка на два црвени картони (ВИДЕО)

August 16, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Барселона со триумф во Мајорка, мечот во сенка на два црвени картони (ВИДЕО)

Барселона ја отвори новата сезона во Примера со убедлива победа на гостински терен против Мајорка (0-3), но натпреварот ќе се памети по црвените картони и судиските одлуки. Избраниците на Ханси Флик започнаа моќно и уште во 7. минута поведоа преку Рафиња. Каталонците целосно ја контролираа играта, а во 22. минута Феран Торес ја удвои предноста. Тука дојде и најспорната ситуација на мечот: акцијата што доведе до голот не беше прекината иако дефанзивец на Мајорка лежеше во нокаут по удар со топка во глава. Според правилата, судијата требаше веднаш да ја стопира играта, но тоа не се случи и Барса постигна гол, што отвори лавина реакции. Мајорка дополнително си ја усложни ситуацијата со два црвени картони – прво Ману Морланес по два жолти, а потоа и Ведат Муриќи, кој брутално го удри со копачка во лице голманот Жоан Гарсија. По преглед на ВАР, косовскиот напаѓач беше испратен во соблекувалната. Со двајца играчи повеќе, Барселона во второто полувреме ја имаше целата иницијатива, но конечниот удар стигна дури во 90+2. минута кога младата ѕвезда Ламин Јамал со прецизен удар ја затвори приказната – 0-3.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.