August 18, 2025 | | Македонија
Екипата на Пелистер конечно ги израдува своите навивачи, освојувајќи ги првите сезонски три бода со победа од 1-2 на гостувањето кај Брера во Струмица. За „зелените“ од Битола ова беше прв триумф по неуспешниот старт и поразот од Вардар, а воедно и прва победа против струмичкиот состав (поранешна Академија Пандев) на домашен терен по цели седум години. Натпреварот започна мирно, без поголеми возбудувања, а најзначајниот момент во првото полувреме беше поништениот гол на Ензиге поради игра со рака. Сепак, второто полувреме донесе вистинска драма. Брера имаше огромна шанса да поведе, но на спротивната страна Пелистер веднаш казни. Искусниот Мирко Ивановски во 57. минута беше прецизен од белата точка, носејќи предност за гостите. Само 13 минути подоцна, во 70-тата, Филип Бошковски ја удвои предноста и навести дека бодовите ќе заминат за Битола. Сепак, домаќините не се предадоа. Капитенот Антовски со прекрасен удар од далечина во 76. минута ја врати надежта кај струмичани. До крајот на мечот Брера креираше уште неколку прилики, но недостасуваше реализација. Во самата завршница, Пелистер остана со играч помалку поради директен црвен картон за Здравковиќ, но за Брера тоа дојде предоцна за да успее да се врати во игра. Со овој пораз, Брера сезоната ја отвори со два неуспешни натпревари – по катастрофата од 5-0 против Силекс, тимот повторно остана без бодови. Пелистер, пак, со овој триумф добива потребна самодоверба пред продолжението од сезоната, а навивачите се надеваат дека победата во Струмица ќе биде пресвртница за подобри резултати.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |