Пораз на „Маракана“ и невообичаени сцени: Вучиќ на удар од навивачите (ВИДЕО)

August 20, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Пораз на „Маракана“ и невообичаени сцени: Вучиќ на удар од навивачите (ВИДЕО)

Црвена Звезда ја започна плеј-оф фазата за Лигата на шампионите со пораз на домашен терен од кипарскиот Пафос (1-2) и во реваншот ќе има многу тешка задача да ја анулира негативата. Гостите приредија големо изненадување на „Рајко Митиќ“, каде што пред над 40.000 навивачи успеаја да дојдат до триумф. Домашните фанови очекуваа поинаков резултат, а незадоволството не остана скриено. По завршувањето на натпреварот, за првпат на трибините на „Маракана“ можеше да се слушне скандирање против претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој ја следеше средбата од свечената ложа заедно со генералниот директор на клубот, Звездан Терзиќ. Интересно е дека слични навреди кон Вучиќ се слушнаа и само еден ден претходно на натпреварот на Партизан во рамките на домашното првенство, што покажува дека незадоволството од навивачите расте на повеќе фронтови. Сега Звезда мора да бара начин да ја исправи ситуацијата во Кипар и да обезбеди пласман во Лигата на шампионите, иако поразот дома сериозно ги намали шансите на белградскиот клуб.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.