Шкендија со пресврт до голема победа против Лудогорец – чекор поблиску до Лига Европа (ВИДЕО)

August 21, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Шкендија со пресврт до голема победа против Лудогорец – чекор поблиску до Лига Европа (ВИДЕО)

Македонскиот шампион Шкендија одигра одличен натпревар против фаворизираниот Лудогорец и со пресврт славеше со 2-1 во првиот меч од плејофот за пласман во групната фаза на Лига Европа. Тетовци ја добија првата битка против бугарскиот првак и ги зголемија своите шанси за историски пласман во главната рунда на второто по ранг европско клупско натпреварување. Шкендија одлично го отвори мечот и уште во 8. минута имаше голема шанса преку Љатифи, кој сам пред голманот Падт не успеа да погоди. Само неколку минути подоцна, истиот играч повторно се најде во добра позиција, но не ја зафати најдобро топката. Цаке во 17. минута се закани со удар од далечина, кој замина крај голот. Казната за промашувањата дојде во 18. минута – Дуарте ја искористи првата можност за Лудогорец и донесе водство за гостите од 0-1. Сепак, Шкендија не се предаде. Во 36. минута Љатифи мајсторски изведе слободен удар и со прекрасно погодок го израмни резултатот на 1-1. До крајот на првиот дел Зејнулари имаше шанса за целосен пресврт, но биеше крај голот. Во вториот дел, иницијативата повторно ја имаше македонскиот тим. Зејнулари уште во 50. минута се закани со удар од далечина, а вистинскиот пресврт се случи во 60. минута кога капитенот Бесарт Ибраими по убава акција погоди за 2-1. Гостите имаа можност да израмнат во 74. минута преку Дуарте, но голманот Гаје одбрани сигурно. Во 82. минута и Таир беше блиску до гол по удар со глава, но топката заврши над голот. До самиот крај се играше отворен фудбал со уште неколку полушанси на двете страни, но резултатот остана непроменет. По последниот судиски свиреж, Шкендија заслужено се радува на големата победа и предноста од еден гол пред реваншот во Бугарија кој ќе се игра за седум дена. Фото: Спорт1

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.