Милевски го објави списокот за септемвриските натпревари

August 27, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Милевски го објави списокот за септемвриските натпревари

Македонската фудбалска репрезентација во септември ќе одигра два натпревара, а селекторот Благоја Милевски денеска го соопшти списокот на фудбалери на кои ќе смета. На листата има 26 имиња, главно проверени репрезентативци, но се најдоа и двајца дебитанти. Станува збор за 24-годишниот напаѓач Елмин Растодер, кој настапува за швајцарскиот Тун и покрај македонското има и швајцарско државјанство, како и за играчот од средниот ред Решат Рамадани. Тој е член на Динамо Киев, но моментално игра како позајмен фудбалер во редовите на македонскиот шампион Шкендија. По десетмесечна пауза во националниот тим се враќа искусниот дефанзивец Дарко Велковски. Тој не беше во комбинација за првите четири кола од квалификациите за Мундијалот, а воопшто не настапи во 2025 година. Последниот негов меч за Македонија беше на 17 ноември 2024 против Фарски Острови, во последното коло од Лигата на нации. Од составот отсуствуваат Агон Елези, кој се повреди играјќи за Сараево, како и Манев и Ашковски. Македонија на 4 септември во Прага ќе одигра пријателски натпревар со Саудиска Арабија, а три дена подоцна во Скопје ќе го пречека Лихтенштајн во петтото коло од квалификациите за Светското првенство.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.